Top Sport

Запата и Аталанта за две минути го „изедоа“ Јуве! (видео)

Јувентус нема да ја брани титулата од Копа Италија оваа сезона, откако во изненадувачки меч во Бергамо, Аталанта успеа да стигне до 3:0 победа со два гола за две минути во четврт-финалето и закажа пресметка со Фиорентина, која претходно ја декласираше Рома со 7:1.

Тимоти Кастањ во 37. минута постигна прекрасен гол по еден соло-продор низ порозната одбрана на „бјанконерите“, а само две минути подоцна најдобриот стрелец во Серија А, Колумбиецот Дуван Запата најдобро се снајде во уште една конфузија на одбраната на гостите, за да го совлада Војчех Шчесни. Запата го постигна и последниот гол на мечот, во 86. минута, кога со „слалом“ го помина Шчесни за продолжување на импресивната низа на резултати на тимот на Џанпјеро Гасперини.

Јувентус не отпатува во Ломбардија со втор состав, бидејќи стартер беше и Кристијано Роналдо,  и сега им останува да ја осигураат титулата во Серија А (која тешко ќе им избега) и да се борат за трофејот кој толку го посакуваат, Лигата на шампионите.

Во второто полуфинале од Копа Италија се среќаваат Милан и подобриот од пресметката Лацио-Интер.

Фото: ЕПА

Scroll to Top