Претседателот на шпанската Ла лига, Хавиер Тебас објасни дека навивачите на Барселона имаат право да пеат песни за независноста на Каталонија на натпреварите, но дека било каква „навреда“ против Шпанија може да значи затворање на стадионот.
По забранетиот референдум за независност на 1 октомври и конфликтот со централната власт, анти-шпанското расположение се крена на „Ноу Камп“, но Ла лига остро реагира на секои најави за насилство посебно откако еден навивач на Депортиво ла Коруња беше убиен во Мадрид од навивачи на Атлетико Мадрид во 2014 година.
Тебас вели дека не може да се спречат навивачите да навиваат за каталонската независност. На секој натпревар во 17 минута и 14 секунда се пее за независноста на Каталонија за да се одбележи опсадата на Барселона во 1714 година.
„Навивањето за независност не се смета за навреда или за нешто што поттикнува насилство. Но, пеења за еб.ње на Шпанија, Каталонија или Андалузија нема да се толерираат. Ако шпанската федерација одреди дека тоа е заз казна, тогаш лигата може да размисли за затварање на Ноу Камп“, вели Тебас.
Минатата сезона, на Спортинг Хихон му беше наредено да затвори дел од стадионот „Ел Молинон“ за еден натпревар како казна за расистичките навивања кон крилото на Атлетик Билбао, Ињаки Вилијамс.