Џанлуиџи Буфон пред два дена објави крај на фудбалската кариера, а големо признание му додели еден од најдобрите европски голмани, Валтер Зенга.
„Можеби Џанлуиџи Буфон не е најдобриот голман на сите времиња, но сигурно е голман кој го одбележа фудбалот во последните 25 години“, смета легендарниот италијански репрезентативец Зенга.
Зенга три пати ја освојуваше титулата најдобар голман во изборот на ИФФХС, додека Буфон пет пати го добил ова признани, што само покажува за каквов голман станува збор.
„Не ги препознавам титулите наречени „најдобар на сите времиња“, едноставно тоа не може да се докаже. Ваквите рангирања се чиста глупост. Но, кога зборуваме за Буфон, тогаш треба да стоиме мирно. Тој е на врвот 25 години, одбележа една фудбалска ера и за мене е легенда. Некој кој стана симбол на своето време. Големиот Џиџи Буфон“, изјави Зенга.
Како пример за долговечноста на Буфон, легендарниот Зенга го зеде тоа што првата награда за најдобар голман ја доби новопензионираниот Џиџи во 2003 година, а последната 14 години подоцна.
„Погледнете го ова, јас ја освоив наградата за најдобар голман во 1989, 1990 и 1991 година, а Буфон ја освои првата во 2003 година и последната во 2017 година. Дали сфаќате дека поминале 14 години помеѓу тие две награди, значи цело време тој беше во врвот? Тоа е феноменално“.