Претседателот на Интер, Стивен Жанг, еден од најмоќните луѓе во европскиот фудбал, вели дека во ниту еден момент не било опција Лионел Меси да пристигне на „Меаца“ и покрај сагата со барањето за трансфер на Аргентинецот.
Меси во август се обиде да ја напушти Барса со активирање на клаузулата за заминување без оштета, но на крајот се врати во тимот, а се веруваше дека Интер покрај Манчестер сити и Пари Сен-Жермен се опција за Меси. Жанг вели дека и покрај големите амбиции на „нераѕурите“ тие не се во финансиска состојба за ваков трансфер.
„Таква инвестиција не може да биде дел од нашиот проект. Барем не засега. Иновации, планирање, постојан развој, економска стабилност, тоа се нашите главни цели. Со овој патоказ, кој вклучува планирање на долги патеки ќе стигнеме до посакуваните резултати и ќе го кренеме Интер на национално и на интернационално ниво“, вели Жанг во интервју за весникот „Кориере дела сера“.
Жанг успеа да се договори со тренерот Антонио Конте за трансфер-политиката на клубот, откако претходно тренерот најави дека ќе замине доколку не се земе во предвид неговиот збор.
„Сите во Интер имаат единствена цел – победа. Ако зборуваме за работа, не сум видел некој кој работи со таков интензитет и посветеност како Конте. Тоа не обединува, исто како и посветеноста на сите детали. Двајцата сме принципиелни луѓе“, додава Жанг.