Напаѓачот на Челси, Оливие Жиру вели дека не губи сон откако беше критикуван за неговата неефикасност на Светското првенство во Русија, каде што неговата Франција го освои трофејот.
Жиру, иако на позиција на класичен напаѓач, не успеа да ја затресе мрежата на Мундијалот, за што беше на потсмев на многу фанови, а беше спореден и со Стефан Гиварш, кој исто така беше без голови во шампионската генерација од 1998 година.
„Малку сум исфрустриран, морам да признаам. Но, разочарувањето е пополнето со титулата. Колективот е поважен од индивидуалците. Честопати во мојата кариера работев поинаку, се жртвував за другите да постигнат голови. Освен против Белгија во второто полувреме, немав многу промашувања. Дури имав и две асистенции. Но, недостатокот на голови не ме остави без сон. Среќавам луѓе на улица кои ми велат дека бев многу важен за нашата репрезентација“, изјави Жиру за весникот „Паризиен“.
Запрашан кому би се заблагодарил за успехот со Франција, Жиру јасно ја кажа својата посвета.
„На Исус Христос. Тој ме изгради, тој ми помогна како човек и фудбалер, давајќи ми самодоверба, сила и верба. Во текот на целиот турнир имавме добра ѕвезда над нас. Ангел-чувар“, вели Жиру.
Жиру: Тие што го познаваат фудбалот, знаат што носам јас во тимот