Top Sport

Жоао Феликс понуден на Галатасарај

Највлијателниот менџер во светот на фудбалот, Жорж Мендеш, наводно започнал разговори со турскиот гигант Галатасарај околу трансферот на Жоао Феликс (25), јавуваат локалните медиуми.

Оваа вест доаѓа пред се поизвесното заминување на португалскиот напаѓач од Челзи за време на летниот преоден рок.

Феликс моментално е на позајмица во Милан до крајот на сезоната 2024/25, каде што пристигна на почетокот на годината за околу два милиони евра.

И покрај тоа што постигна гол на своето деби, Португалецот не ги оправда очекувањата на „Сан Сиро“, поради што Милан нема намера да го откупи неговиот договор.

Станува сè појасно дека Феликс ќе го напушти Челзи ова лето, со оглед на неговата ограничена минутажа под водство на Енцо Мареска во првата половина од оваа сезона.

Турските медиуми пренесуваат дека Мендеш го известил Челзи дека Феликс е подготвен за трансфер во Галатасарај за сезоната 2025/26. Се очекува турскиот гигант да го реновира нападот во текот на летниот преоден рок, со оглед на извесното заминување на Виктор Осимхен, кој се уште е играч на Наполи.

Се уште се чекаат одлуките за иднината на поранешните напаѓачи на Интер и Милан, Мауро Икарди и Алваро Мората.

Scroll to Top