Напаѓачот на Атлетико Мадрид, кој сега е на позајмица во Челси, Жоао Феликс застана во одбрана на Винисиус Жуниор по постојаните критики за неговиот стил на игра и посебно расистичките испади на дел од навивачите на ривалските тимови.
Бразилецот е најфаулиран играч во најдобрите седум европски лиги, по што тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти изјави дека тој е постојана мета на провокации од противниците и Феликс се согласува.
„Не ги сфаќам критикит кон Винисиус. Можеби бидејќи е многу подобар од другите, поради тоа што дрибла како што тие не можат, поради тоа што е побрз од нив и дава голови. Сега е во добра форма иако луѓето се против него. Тој ми е пријател, честопати зборуваме и ми се допаѓа неговиот фудбал“, вели Феликс за „АС“.
22-годишниот Вини имаше жестока расправија со дел од играчите на Мајорка при 1:0 поразот во неделата, по што тренерот Хавиер Агире го обвини Винисиус дека покажал непочитување кон неговиот тим.
„Го видовме Винисиус како бара жолти картони, танцува, го вади јазикот, ја провоцира публиката… Секако, тоа не ми се допаѓа. Мислам дека покажува непочитување кон противникот“, вели Агире.
Феликс смета дека Винисиус не трба да се смени.
„Неговите дриблинзи провоцираат, но тоа е фудбалот. Тоа е неговиот фудбал, кој е забавен и мене ми се допаѓа. Ривалите се лути, но фудбалот не е само додавање и шутирање, мора да има и малку магија. Сакам да му порачам да продолжи така. Вистинска штета што расистичките проблеми доаѓаат. Можеш да критикуваш некого без тоа“, вели Феликс.