Челси не успеа да ги победи дефанзивните Манчестер јунајтед на „Стемфорд бриџ“, одигрувајќи 1:1 во дербито на 13. коло во англиската Премиерлига, одбележано со киксот на Жоржињо (со капитенската лента) и подарокот на првиот премиерлигашки гол на Џејдон Санчо, но и потоа враќањето со гол од пенал.
Во првиот (а најверојатно и последен) меч на Мајкл Керик во Премиерлигата, тој се реши за дефанзивна стратегија во Лондон, дозволувајќи Челси посебно во првото полувреме да доминираат со поседот на топката, со речиси 70 отсто на нивна страна. Меѓутоа, две одлични одбрани на Давид де Хеа ги спасија Јунајтед, пред во 51. минута од мечот, Жоржињо да направи необична грешка на средината на теренот, а Џејдон Санчо безмилосно да го казни тоа.
Јунајтед малку тргнаа офанзивно, пред во 67. минута Арон Ван-Бисака да го собори Тијаго Силва, а Жоржињо да застане на белата точка и да го совлада Давид де Хеа за израмнување и поправање на грешката. Најголемите ѕвезди на двата тима, Кристијано Роналдо за Јунајтед и Ромелу Лукаку за Челси го стартуваа мечот на клупата, пред да добијат шанса во второто полувреме.
Челси останува лидер во Премиерлигата со 30 поени, но сега само еден пред Манчестер сити (29) и два пред Ливерпул (28), додека Јунајтед во исчекување на Ралф Рангник во текот на неделата ќе го пречекаат Арсенал како осмопласирани со само 18 поени.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк