Жулио Баптиста се потсети за (не)славниот инцидент меѓу Данецот Томас Гравесен и Бразилецот Робињо во 2006 година кога двајцата беа фудбалери на Реал Мадрид.
На турнеја пред стартот на сезоната, Реал, тогаш под водство на Фабио Капело имале тренинг, кога Гравесен неколку пати го „поткачил“ својот Бразилец. Сепак, Робињо, одбил да биде жртва и тој вратил со неколку старта, по што соиграчите морале да ги раздвојуваат.
Баптиста, кој беше дел од таа тренинг-сесија се потсети во интервју за радиото „Кадења СЕР“.
„Беше смешно. Замислете го Гравесен, кој беше малку луд, како трча кон Робињо и си зборува. Го удри еднаш, па уште еднаш. Робињо застана, го погледна и го турна и потоа почнаа. Гравесен сакаше да го убие. Се раздвоија, а Робињо се врати во соблекувалната, додека Гравесен ме погледна и ми кажа: ’Ќе го убијам’“, открива Баптиста.
Гравесен „издржа“ една сезона во Мадрид, по што се пресели во Селтик, а потоа во Евертон, каде што се пензионираше. Робињо уште игра за Истанбул Башакшехир.