Златан Ибрахимовиќ се самопрогласи за „најдобар фудбалер во историјата на МЛС лигата“, повторувајќи дека бил „предобар“ за американскиот фудбал, откако помина две сезони со Лос Анџелес галакси.
40-годишниот Златан постигна 53 гола во 58 настапи за Галакси во 2018 и 2019, пред да се врати во Милан во Серија А, но во САД не успеа да влезе во плејофот во 2018, а пото загуби во полуфиналето на Западната конференција во 2019.
„Многу сум благодарен на МЛС лигата бидејќи ми дадоа шанса да се чувстувам жив повторно. Но, проблемот беше тоа што бев премногу жив. Бев предобар за целото натпреварување. Тоа го покажав. И јас сум најдобриот кој играл во МЛС лигата, и тоа не е моето его или фалење. Тоа е вистина. Ми се допаѓаше како работевме, посебно на маркетингот. Горд сум што играв таму бидејќи претходно ми велеа дека е лошо да се игра на празни стадиони. Кога играв јас, немаше празни стадиони, туку се бараше билет повеќе“, вели Ибрахимовиќ за „ЕСПН“.
Ветеранот има проблематична сезона со само 24 настапи за Милан поради повредите, и смета дека би можел да се врати во САД, можеби како Дејвид Бекам, како газда на клуб.
„Никогаш не знаеш, можеби ќе се вратам еден ден. Да им покажам како, да ги потсетам што е вистински фудбал. Може да се вратам и да си купам клуб“, додава Швеѓанецот.