Top Sport

Златан: Гвардиола се криеше од мене во соблекувалната

Дека Златан Ибрахимовиќ нема највисоко мислење за Пеп Гвардиола е познато одамна, но сега во интервју за „Ла газета дело спорт“ шведскиот напаѓач отиде подалеку, нарекувајќи го „голем тренер, но не и човек“.

Договорот на Ибрахимовиќ со Лос Анџелес галакси завршува во декември и Швеѓанецот беше поврзуван со враќање во Манчестер јунајтед, но и можен трансфер во Наполи, иако тој не верува дека ќе се обедини со Синиша Михајловиќ во Болоња.

„Не сакам некој да потпише со мене само бидејќи сум Ибрахимовиќ. Јас не сум некое животно од циркус кое го шетаат. Ако одам во Италија, таму ќе сум за да се борам за скудетото. Благодарен сум на Михајловиќ за повикот, но мислам дека ќе биде тешко да кажам да. Ако се предомислам веднаш ќе му се јавам. Уште можам да постигнам 20 гола во Серија А. Наполи е друга работа. Би било одлично да се повтори тоа што го направи Диего Марадона. Да бев на ’Сан Паоло’, секој викенд ќе беше полн“, вели Ибрахимовиќ.

Запрашан за искуството со своите поранешни тренери, тој изјави дека Пеп Гвардиола и Жозе Мурињо се на спротивната страна на спектарот.

„Мурињо секогаш ќе биде специјалниот. Тој имаше неверојатно влијание на мојата кариера и би сакал да го видам повторно како тренер. Каде и да оди тој ќе успее. Со Гвардиола немав добра сезона во Барселона. Никогаш немаше некој конфликт, тој го осигура тоа. Кога играше против мојот тим, се вратив во соблекувалната по мечот и тој беше во соба и чекаше да заминам. Еден од неговите асистенти стоеше и му кажа: ’Ибра си отиде, можеш да излезеш’. Не разбирам зошто. На ТВ тој се прави дека е многу цврст, но кога ќе дојдеш лице-во-лице со него, тој се крие. Како тренер е феномен, но како човек…“, објаснува Швеѓанецот.

Scroll to Top