Ѕвездата на Лос Анџелес галакси, Златан Ибрахимовиќ вели дека неговиот поранешен клуб Ајакс е најдобриот клуб на светот за развој на младите фудбалери.

Ајакс подолго време има одлична репутација за „вадење“ на фудбалски таленти, откако во нивните редови почнаа Јохан Кројф, Патрик Клајверт, Весли Снајдер, Едгар Давидс, Кристијан Ериксен и уште многу други фудбалери.

Оваа сезона, во нивниот состав блескаат Френки де Јонг и Матијс де Лихт, од кои првиот веќе потпиша за Барселона, а за вториот се „тепа“ пола Европа. Во нивниот 4:1 триумф над Реал Мадрид на „Бернабеу“ за нив стартуваа четири фудбалери од нивната академија, а уште тројца влегоа од клупата. Ибра, кој дојде во Ајакс како тинејџер од Малме во 2001 година помина три сезони во Амстердам пред да се пресели во Јувентус.

„За млад амбициозен фудбалер, нема подобар клуб од Ајакс. Начинот на тренинг, филозофијата на клубот, соиграчите со кои си опкружен како млад… Сè е на највисоко ниво. Би му советувал на секој талент да ја почне кариерата во Ајакс“, вели Ибрахимовиќ.