Златан Ибрахимовиќ вели дека е вистинско време Килијан Мбапе да си замине од Пари Сен-Жермен за да стане уште подобар играч, откривајќи дека самиот му го кажал тој совет.
40-годишниот Швеѓанец уште е еден од клучните играчи на Милан и покрај неговата возраст и во интервју за „Л’Екип“ вели дека има совети за помладите фудбалери, вклучувајќи го и Мбапе.
„Тоа зависи од тоа што сака и што размислува. Да бев на негово место ќе отидев во Реал Мадрид, но да бев тренер на ПСЖ ќе се обидев да го заддржам. Само тој може да донесе одлука. Мбапе ме праша и јас му кажав: ‘Да бев јас на твоето место, ќе отидев во Реал’. Јас играв во различни држави и така станав подобар фудбалер. Ако останеш во својот двор, ќе биде полесно, но ако отидеш во туѓиот двор, тогаш тоа е авантура“, вели Ибрахимовиќ.
Тој зборуваше за неговото искуство во Франција со Пари Сен-Жермен.
„Иако луѓето велат дека Лига 1 е полесна лига, воопшто не е лесно да се игра во Франција. Франција секогаш имала големи таленти со огромна желба за успех и лигата е посебно силна. Иако Французите се познати по својата ароганција, тие мене ме обвинуваа дека сум арогантен. Поради оваа причина сум горд, бидејќи добро ги претставував. Малку ми недостасува Франција. Клубот станува поголем секој нареден ден и горд сум што бев таму на почетокот“, додава Швеѓанецот.