Top Sport

Златан: Не дојдов во Милан за да бидам маскота

Златан Ибрахимовиќ планира да има големо влијание на теренот при враќањето во Милан, велејќи дека не се вратил на „Сан Сиро“ да прави друштво на официјалната маскота на клубот „Миланело“.

38-годишниот Швеѓанец призна дека малку фудбалери на негова возраст потпишувале договори со елитни клубови, но тоа само го мотивира да направи нешто повеќе.

„Не се сеќавам колку фудбалери потпишале со Милан на 38 години. Ако се случило, тогаш значи дека тие имале што да дадат. Не дојдов тука да бидам маскота, да стојам до ѓаволчето и да танцувам. Тука сум да помогнам на теренот. Ова само покажува дека тоа што го правам уште има вредност“, вели Ибрахимовиќ.

Тој призна дека имал опција да пристигне кај „росонерите“ и минатата година, но дека решил да остане во МЛС лигата.

„Зборував тогаш со Леонардо, но не се чувствував подготвен за враќање. Беше добро во Лос Анџелес и играв постојано. Кога отидов во Америка сакав да се чувствувам жив по повредата. Сега сум подготвен да играм во Италија и да му помогнам на Милан. Милано е како мој дом. Кога дојдов тука од Барселона ја вратив среќата во фудбалот и сега сакам да вратам нешто на клубот. Тука сум со огромна желба и огромна почит кон овој клуб“, додава Ибра.

Scroll to Top