Top Sport

Амар Хот: Не застануваме тука, одиме по пехарот

Младата кошаркарска репрезентација на Македонија ќе игра против Чешка во финалето на Европското првенство – Б дивизија кое е закажано за 21 часот, во СЦ „Борис Трајковски“. Двете селекции кои беа дел од групата А успеаја да стигнат до она што веројатно го планираа, да играат во мечот за пехарот.

Победите во полуфиналните средби ги промовираа овие две селекции во учесници во А сегментот на ФИБА во категоријата под 20 години во машка конкуренција. Ова на огромна радост на целата македонска спортска, пред сѐ кошаркарска јавност, затоа што по долги години (уште по 2006 година, на ЕП во Лисабон) една наша селекција „под 20“ , успеа да обезбеди место во елитните 16 селекции во Европа.

Пред големото финале, селекторот Никола Василев открива дел од тајните на успехот.

„Главната сила на оваа репрезентација е колективот, способноста да одиграме „сите за еден“. Одлично се движиме низ целиот овој процес, напредуваме од натпревар во натпревар, нашата игра се крева на сѐ повисоко ниво. Тактички и физички сме добро подготвени за овој напорен турнир, ни останува уште на финалето да прикажеме една добра партија и да стигнеме до пехарот што го посакуваме“, изјави селекторот Василев.
Македонија го отвори турнирот со мечот против Чешка. Македонските младинци и ќе го затворат шампионатот повторно со Чешка, но сега во некои малку поинакви околности, во битката за златните одличја.

Амар Хот, беше и остана еден од оние без кои практично и не може да се замисли играта на нашиот младински состав и на овој турнир.

„Со оваа победа влеговме во А-дивизијата, но тука не застануваме, одиме по пехарот. Се надевам дека тој ќе заврши таму каде што припаѓа. Ја повикувам цела нација, сите да дојдат да нè поддржат. Македонија има генерации и генерации фантастични кошаркари. Треба да продолжиме по истиот пат… Верувам дека ќе бидеме достојни наследници на Перо Антиќ, Војдан и Дамјан Стојановски“, искрен е Хот по големата победа над Украина.

Scroll to Top