Top Sport

Американска кошаркарка брутално претепана во Полска

Американската кошаркарка на Гдиња, Микејла Каулинг, се здобила со повреди на главата и очите откако била нападната и претепана во Гдањск, јавија полските медиуми.

Каулинг била „брутално претепана“ во музички клуб во Гдањск во средата навечер и се здобила со повреда на окото, соопшти нејзиниот клуб, пренесе радиото РМФ ФМ.

„Револтиран сум што се создаде ваква срамна ситуација. Насилството и агресијата се неприфатливи. За среќа, полицијата брзо го фатила напаѓачот. На кошаркарката и посакуваме брзо закрепнување и добро здравје“, изјави на социјалната мрежа Икс градоначалникот на Гдиња, Војчех Шкурек.

Нападот се случи во средата по натпреварот од Еврокупот во кој Гдиња го победи швајцарскиот Фрибург со 77:47.

Претседателот на клубот, Богуслав Витковски за полската новинска агенција ПАП изјави дека кошаркарката била нападнат во близина на женскиот тоалет и дека тоа го направил член на обезбедувањето.

Каулинг била удирана повеќе пати во главата, а напаѓачот ја удрил со нога додека лежела на земја. Таа сега е дома на опсервација и следната недела ќе биде подложена на дополнителни прегледи.

Агенцијата ПАП објави дека напаѓачот е 48-годишен маж и дека бил уапсен во петокот.

Scroll to Top