Американската кошаркарска репрезентација во Лас Вегас ги почна подготовките за Светското првенство на кое, според сите проценки, ќе биде еден од фаворитите за златото.
На тоа укажуваат и имињата во тимот на Стив Кер, каде што нема ѕвезди, но има многу таленти.
На вториот работен ден во Лас Вегас, Американците одиграа и пријателски натпревар – меѓу себе.
Бидејќи немаше официјална статистика, а на новинарите не им беше дозволен пристап до тој меч, јавноста беше лишена од информации и детали за дуелот на играчите со кои Стив Кер ќе ги има на Мундобаскетот.
Иако, некои американски новинари сепак успеаја да откријат „нешто“. Не многу, но на пример, дознаа како Кер ги поделил двете петки и кој победил.
На едната страна беше тим кој според реномето на играчите и квалитетот треба да биде напаѓачка тупаница на репрезентацијата на Мундијалот. Тие исто така треба да бидат стартери, иако Кер вели дека „сè уште не се одлучил за стартна петорка“ и дека сè уште пробува одредени работи.
Така, на едната страна беа Џејлен Брансон, Микал Бриџис, Брендон Инграм, Кам Џонсон и Џерен Џексон Јуниор и тие треба да бидат најсилното оружје на Американците, додека од другата страна им се спротивставија „резервите“ Тајрис Халибартон, Остин Ривс , Ентони Едвардс, Паоло Банкеро и Боби Портис.
Во оваа проверка играа и Џош Харт и Вокер Кеслер, по еден на секоја страна.
Мечот траеше двапати по десет минути, а „резервистите“ победија со резултат 47:39.
Првиот вистински тест САД ќе го имаат во понеделник кога ќе играат против Порторико, а потоа ќе патуваат во Европа на турнир каде ќе ги одмерат силите против Шпанија и Словенија.