Кошаркарите на Анадолу Ефес се пласираа на фајналфор турнирот од Евролигата кој ќе се одржи во Белград, откако во четвртфиналната серија го елиминираа Армани од Милано со 3:1 во победи. Бранителот на трофејот во четвртиот натпревар беше подобар со 75:70 пред своите гледачи.
Ефес започна маестрално, со серија од 8:0, која ја создаде Тибор Плајс со две тројки. Во тој период од играта Армани немаше многу добри решенија во фазата на напад. Со малку поцврста одбрана и подобар финиш, избраниците на Еторе Месина се вратија во акција. Пресуден во првото полувреме беше Датоме, кој постигна 14 поени.
Деталите направија разлика, како и класата на Василије Мициќ, чиј пробив во клучен момент од мечот донесе израмнување за Ефес.
Одлично одигра и Тибор Плајс, кој беше речиси непогрешлив со 25 поени, а Мициќ додаде 20 поени, со пет скока и четири асистенции. Кај Армани се истакна Датоме со 21 поен.