Шесткратниот учесник на НБА Ол-стар натпреварот и неодамнешен кошаркар на Бруклин Нетс, Блејк Грифин, кариерата ќе ја продолжи во Бостон Селтикс. Грифин има 33 години, игра на позицијата крилен центар, а кариерата во НБА ја започна со Лос Анџелес Клиперс, кои го избраа за прв пик на драфтот во 2009 година.
Следните девет години одличниот кошаркар работеше во Калифорнија каде ги одигра најдобрите натпревари во кариерата стекнувајќи име и углед во НБА.
После тоа се пресели во Детроит Пистонс, а минатата сезона играше во Бруклин Нетс.
Искусниот Грифин минатата сезона не се прослави во Бруклин. Тој одигра 56 натпревари со просек од само 6,4 поени по натпревар.
Бостон минатата година играше во финалето на плејофот каде беше поразен од Голден Стејт Вориорс.