Чикаго Булс, вторпласираниот тим во Источната конференција, не дозволи уште еден пораз во Лос Анџелес. Откако пред два дена тесно загубија од Клиперси, изминатата ноќ Булс ги победија Лејкерси 121:103.
Лејкерси продолжија да играат по системот „топло-ладно“. По 15 одиграни натпревари имаат осум победи и седум порази. За разлика од нив Булс играат во добра форма, скор 10-4.
Демар Дерозан ги предводеше Булс со 38 поени. На Дерозан му се приклучија екс играчот на Лејкерси, Лонзо Бол (27 поени, 8 скока, 7 асистенции) и Зек Лавин (26 поени, 5 скока, 5 асистенции).
Хортон Такер со 28 поени беше најефикасен кај Лејкерси, Расел Вестбрук постигна 25. Ентони Дејвис кој на бизарен начин беше исклучен, мечот го заврши со 20 поени и 6 скока.
Резултати: Кливленд-Бостон 92:98, Детроит-Сакраменто 107:129, Вашингтон-Њу Орлеанс 105:100, Атланта-Орландо 129:111, Њујорк0Индијана 92:84, Далас-Денвер 111:101, Мемфис-Хјустон 136:102, Минесота-Финикс 96:99, Оклахома-Мајами 90:103, Портланд-Торонто 118:113.