Top Sport

Бостон го доби „класикот“ против ЛА Лејкерс, Јанис го урна шампионот

Беше како во старите добри времиња, а Бостон Селтикс магично дојдоа до продолжение и потоа ги совладаа Лос Анџелес Лејкерс на гости со 122:118 во најинтересниот дуел од синоќешната понуда во НБА лигата.

Леброн и другарите имаа водство од 106:93 на четири и пол минути до крајот и се чинеше дека натпреварот е во нивни раце. Сепак, Бостон Селтикс, моментно најдобриот тим во лигата, не се предаде. На крилата на Тејтум и на Браун ја намалија разликата, а на 18 секунди до крајот Тејтум донесе израмнување на својот тим на 110:110.

Лејкерс го имаа последниот напад, но шутот за победа и три поени го промаши Леброн Џејмс. Селтикс во дополнителните пет минути тргнаа во серија од 12:0 и на крајот остварија важна победа.

Тејтум мечот го заврши со 44 поени, девет скока и шест асистенции, а го следеше Џејлен Браун со дабл-дабл од 25 поени и 15 скока. На Лејкерс не им беа доволни 37 поени и 12 скока на Ентони Дејвис, како и 33 поени и по девет скока и асистенции на Леброн Џејмс.

Милвоки Бакс лесно го совлада актуелниот шампион Голден Стејт Вориорс со 128:111. Тимот од Висконсин веќе во првиот период воспостави контрола која ја реши со 11 поени предност (38:27) и релативно лесно ја приведе работата до крај.

Јанис Адетокумбо стигна до 30 поени и 12 скока со слаб шут од поле (9/26), Портис постигна 25 поени, а Мидлтон 20 поени. Стеф Кари го заврши натпреварот со 20, Камингс со 19, а Пул со 18 поени за Вориорс.

Јута Џез го декласираше најдобриот тим на Западот, Њу Орлеанс со 121:100, додека Хјустон Рокетс го победи Феникс со 111:97. Ембид уфрли 31 поен и ја предводеше Филаделфија до победа од 123:103 над Сакраменто.

Scroll to Top