Брендот „Џордан“ во наредните 10 години, поради убиството на Џорџ Флојд и новонастанатата ситуација во САД, ќе донира 100.000.000 долари, објави компанијата „Најки“ во чија сопственост е овој бренд кој е направен за легендарниот кошаркар Мајкл Џордан.
Џордан кој во текот на целата своја кариера и како играч и како сопственик на франшиза се држел настрана од политиката неодамна се огласи на социјалните мрежи со порака против расизмот.
„Тажен сум, потресен и бесен. Насекаде гледам болка и изливи на лутина и фрустрација. Ги поддржувам оние кои се борат против расизмот и насилството против црномурните луѓе во нашата земја“, објави пред неколку дена Џордан.
„Најки“ преку брендот ќе вложува во борбата против расизмот.
„Ние сме Џордан бренд, црна заедница. Тоа е повеќе од еден човек. Секогаш ни беше семејство. Ние сме претставници на горда заедница која ги надминала пречките, се борела против дискриминација во заедниците ширум светот и која секојдневно работи за да ги избрише дамките од расизмот“.
„Денес сакаме да објавиме дека Мајкл Џордан и брендот Џордан ќе им донираат 100 милиони долари во наредните десет години на организациите кои се работат на расната еднаквост, социјалната правда и постигнувањето на поголеми успеси во образованието“, се наведува во соопштението.
Black lives matter. This isn't a controversial statement. We are you. We are a family. We are a community. pic.twitter.com/cGH8bJl1GQ
— Jordan (@Jumpman23) June 5, 2020