Кошаркарите на Црвена ѕвезда го победија Партизан 96-90 и поведоа со 2-1 во финалната серија во српскиот шампионат. Возбудливото дерби црвено-белите го добија благодарение на добрата реализаиција на ударите за три поени.
Дербиот донесе интересен и возбудлив натпревар, во кој Црвена ѕвезда константно имаше предност. Партизан водеше само во првата четвртина (7:10 и 13:10). Иако ја имаа предноста на своја страна разликата на домашните играчи ниту еднаш не беше поголема од десет поени (79:69).
Херојот од минатиот меч, кога погоди тројка за победа во последната секунда, Раде Загорац на овој беше трагичар.
На 47 секунди до крајот, Загорац ја згазна линијата кога изведуваше аут, судиите му ја одзедоа топката тој приговори и доби техничка грешка.
Били Берон ја предводеше Црвена ѕвезда со 25 поени, Дејан Давидовац постигна 17, а Мохамед Фаје и Мајкл Оџо по 11 поени.
Кај Партизан капитенот Вања Маринковиќ реализираше 21 поен, но 17 од нив постигна во првото полувреме. Него најдобро го следеше Алекс Ренфро со 18 поeни.
Наредниот меч се игра в понеделник, а домаќин ќе биде Партизан.