Кошаркарите на Бостон славеа против Мајами со 102:82 во натпреварот број четири од финалната серија на Истокот. Така успеаја да израмнат во серијата на 2:2 и да внесат дополнителна драма, за разлика од Западот каде Голден Стејт е во убедливо водство против Далас.
Селтикси, н почетокот најавија во кој правец ќе се движи натпреварот. Тие имаа предност од 26:4. Во тие први 12 минути Мајами промаши буквално од сите позиции, а потоа навистина немаше на што да се надева.
Во тимот на Мајами буквално сите потфрлија, па Џими Батлер, најдобриот играч на тимот, за 28 минути успеа да постигне само шест поени.
Колку беа лоши говори податокот дека Бам Адебајо застана на девет, Кајл Лаури на три, а Струс и Пи Џеј Такер не постигнаа ниту еден поен.
Данкан Робинсон додаде 14, Кејлеб Мартин 12, а најдобар беше Виктор Оладипо со 23 поени.
Кај победниците се истакна Џејсон Тејтум со 31 поен и осум скока, Пејтон Причард додаде 14, Дерик Вајт 13, а Џејлин Браун и Роберт Вилијамс по 12. За Бостон не играше Маркус Смарт, кој во раната фаза го повреди зглобот.
Следниот, петти натпревар се игра ноќта меѓу среда и четврток од 02.30 часот по средноевропско време, а домаќин е тимот на Мајами.