Партизан го декласира МЗТ 112:94 (32:19, 37:23, 19:28, 24:24) во 12.коло во АБА лигата. МЗТ остана закован за дното на табелата со две победи и 10 порази и ќе биде вистинско чудо доколку обезбеди опстанок, додека Партизан стигна до шестиот триумф во лигата, во која има исто толку порази.
МЗТ во дуелот со тимот на чија клупа дебитираше новиот тренер Ненад Чанак се држеше само во првите пет минути (15:13). Потоа Патизан го започна своето шутерско шоу, четвртината ја заврши со предност 32:19, а во вториот период го нокаутира македонскиот првак со нови 37 поени.
Предводник беше младиот Аранитовиќ кој во првиот дел постигна 17 поени (5/6 за три).
Примените 69 поени за само 20 минути најдобро отсликуваат на што личеше играта на МЗТ во Белград.
Имаше Партизан во третиот период и максимални 32 разлика (80:48), по што МЗТ со серија тројки успеа да ја намали разликата на 17 поени, но повеќе од тоа не можеше.
Партизан 100.поен го постигна во 33 минута, а потоа мирно го одработи остатокот од натпреварот.
Бојан Трајковски постигна 20 поени, Дарко Соколов 14, Јуре Лалиќ 13, а Дамјан Стојановски 12 поени. Партизан го предводеше Андриќ со 29 поени, Аранитовиќ и Милер постигнаа по 17 поени.
МЗТ во наредната рунда ќе игра против ФМП Железник. Дуелот на програмата е в петок во СЦ „Јане Сандански“.