Ѕвездата на Мемфис Гризлис, Џа Морант, може да се врати во тимот откако отслужи суспензија од осум натпревари во НБА поради мавтање со пиштол во ноќен клуб.
Се очекува Морант да биде на клупата за резерви на вечерашниот натпревар против Далас. Неговиот клуб изјави дека тој нема да игра бидејќи треба да се врати во натпреварувачка форма.
Мемфис Гризлис објави дека Морант тренирал и се подготвувал за неговото враќање, а тренерот Тејлор Џенкинс истакна дека би сакал кошаркарот да работел со тимот или барем да учествува во шутерските тренинзи пред да се врати на натпреварите.
Морант беше надвор од теренот од 4 март, кога излезе во живо на Инстаграм и покажа како мавта со пиштол во стриптиз клуб во Колорадо по натпреварот со Денвер.
Истрагата утврдила дека Морант под дејство на алкохол поседувал огнено оружје, но не било докажано дека пиштолот е негов. НБА не утврди дали Морант имал пиштол на летот од Мемфис до Денвер.
По нивната истрага, полицијата во Колорадо заклучи дека нема причина да го обвини Морант за кривично дело откако ги испита околностите на видеото.
Во изјава за „ЕСПН“ на 15 март, Морант рече дека пиштолот не е негов и дека ја презема целосната одговорност за своите постапки. Суспензијата го чинеше 669.000 долари од платата, а тој рече дека отишол на советување за време на паузата.
Мемфис е второпласирана екипа во Западната конференција со ефект од 43 победи и 27 порази.