Лука Дончиќ, Стеф Кари, Јанис Адетокумбо, Џејсон Тејтум и Џулиус Рендл ја обележаа изминатата ноќ во НБА лигата, во која беа одиграни девет натпревари.
Дербиот на државата Тексас им припадна на Далас. Маверикс славеа во дуелот со Хјустон победа од 113:100. Блескаше Лука Дончиќ со трипл-дабл од 33 поени, 16 скокови и 11 асистенции за 38 минути. Словенецот го запиша 26 трипл-дабл во кариерата. Кај Далас со 30 поени се истакна и Тим Хардавеј јуниор. Најдобриот играч на Хјустон, Џејмс Харден, натпреварот го заврши со 21 поен и 10 асистенции.
Голден стејт Вориорс ги декласираа Сакраменто Кингс со 137:106. Вориорс ги предводеше Стеф Кари со 30 поени, девет скока и осум асистенции. Кари доби помош од Кели Убре (18 поени) и Ендрју Вигинс (16 поени).
Бостон, во дербито на Истокот, лесно славеа победа над Торонто 126:114. Кај победниците блескаше Џејсон Тејтум кој постигна 40 поени. На спроитвната страна најефикасен беше Фред Ванвлит со 35 поени.
Милвоки Бакс немаа никакви проблеми во дуелот со Детроит Пистонс. Бакс, предводени од Јанис Адетокумбо (43 поени, 9 скока), победија со 125:115.
Њујорк Никс го бележат најдобриот старт во сезоната по 2012 година, кога последен пат играа во плејофот. Со новиот тренер Тим Тибодо, Никс имаат четири победи и три порази. Последните четири натпревари Никс ги играа како гости, забележаа три победи.
Никс победија во Атланта со 113:108. Најзаслужен за победата е Џулиус Рендл со 28 поени и 17 скокови.