Минесота Тимбервулвс го избраа Ентони Едвардс од колеџот Џорџија како прв пик на НБА-драфтот. Од Европа, најдобро пласиран на драфтот е францускиот кошаркар Килијан Хејс. Него од седмата позиција го избраа Детроит Пистонс.
Првиот пик, Едвардс, има 19 години, роден е во Атланта, а во најсилната лига во светот доаѓа од колеџот Џорџија. Во сезоната 2019/2020, Едвардс одиграл 32 натпревари, во просек бележел по 19 поени, 5,2 скока, 2,8 асистенции и 1,3 украдени топки.
Голден стејт Вориорс како втор пик го избраа центарот Џејмс Вајзмен од универзитетот Мемфис.
Третиот пик е Ламело Бол, за кого многумина веруваа дека ќе биде прв избор на драфтот. Бол ќе го облече дресот на шарлот Хорнетс. Бол е брат на кошаркарот на Њу Орлеанс Пеликанс, Лонзо Бол.
Од четвртата позиција, Чикаго Булс, го избраа Патрик Вилијамс од Флорида стејт, додека најдобриот дефанзивец во оваа класа, Ајзак Окоро од Обурн унивезитетот е петти пик на Кливленд Кавалирс.
Меѓу првите десет пикови е избран и синот на поранешниот кошаркар на Црвена звезда, Зуфер Авдија, Дени.
Дени Авдија, играч на Макаби од Тел Авив е девети пик. Авдија го избраа Вашингтон Визардс.