ЦСКА Москва по пауза од три години е шампион од Евролигата, откако во финалето во Виторија, Шпанија со 91:83 (29:20, 15:22, 24:20, 23:21) победа не дозволи турскиот Анадолу Ефес да дојде до првата титула од елитното европско натпреварување.
„Армејците“ сега имаат осум европски титули (1961, 1963, 1969, 1971, 2006, 2008, 2016), со што се вториот најуспешен европски клуб по Реал Мадрид, кои имаат 10 титули, но оваа година се задоволија само со третото место по победата над Фенербахче денеска. Од друга страна, Анадолу Ефес можат да се задоволни со првиот пласман во финалето на Евролигата и со целата сезона во која се трансформираа од последнопласиран тим до конкурент за титулата.
Ова е уште една „ѕвездичка“ во кариерата на тренерот Димитрис Итудис, кој ги презеде „армејците“ во 2014 и ги предводеше до пет настапи во низа на фајнал фор, вклучувајќи ја титулата од 2016. Нандо де Коло, Никита Курбанов, Кајл Хајнс, Андреј Воронцевич, Кори Хигинс и Михаил Кулагин ја освојуваат својата втора титула со ЦСКА, откако беа дел од тимот од 2016 година.
Рускиот клуб неколку пати водеше со двоцифрена предност, но упорните Ефес се враќаа во игра. ЦСКА водеше со 29:20 по десет минути игра, а ја зголемија предноста на 34:20, но Ларкин ги остави Ефес во игра предводејќи ги до 14:3 низа, за да се доближат на само два разлика на полувреме (44:42).
ЦСКА повторно влезе во ритам на стартот на второто полувреме и имаше 14 поени предност (68:54), пред Ефес пак со низа од 8:0 да дојдат на само шест разлика (68:62) пред последната четвртина. Нандо де Коло беше човекот на одлука за ЦСКА, откако во последната четвртина остана смирен за големата победа.
Во финалето, ЦСКА беше импресивна во шутовите за поле (14-од-22 за тројки), а најефикасни беа Хигинс и Вил Клајбурн со по 20 поени, додека Шејн Ларкин за разлика од полуфиналето не успеа сам да го крене Ефес, но го заврши мечот со 29 поени.