Top Sport

Феникс го декласира шампионот, Дончиќ трагичар во Њу Орлеанс

Четири натпревари се одиграа во НБА лигата. Убедливи победи забележаа Феникс во дербито со Голден стејт, Оклахома над ЛА Клиперс и Вашингтон во дуелот со Детроит. Лука Дончиќ промаши шут за победа против Њу Орлеанс.

Феникс на домашен терен убедливо ги победи Голден стејт Вориорс со 134:105.

Девин Букер беше најефикасен во тимот од Аризона со 34 поени, а Микел Бриџис и Џок Лендејл постигнаа по 17 поени.

Во победничкиот тим дабл-дабл учинок забележа Деандре Ајтон со 16 поени и 14 скока, а 16 поени постигна и Крис Пол.

Стеф Кари со 21 поен, Џордан Пул со 17 и Ендрју Вигинс со 16 поени беа најефикасни кај Вориорс.

Во третата четвртина беше исклучен бекот на Вориорс, Клеј Томпсон, поради две технички грешки. Тоа беше негово прво исклучување во 651 одигран натпревар од регуларната сезона.

Феникс има учинок од три победи и еден пораз, додека Голден Стејт има скор од две победи и два порази.

Њу Орлеанс на домашен терен го победи Далас со 113:111 и покрај тоа што беше без Зион Вилијамсон и Брендон Инграм, двајцата најдобри стрелци во тимот.

На крајот од мечот Лука Дончиќ промаши шут за три поени и победа на гостите.

Треј Марфи постигна 22 поени за Њу Орлеанс, Си Џеј МекКалум забележа дабл-дабл со 14 поени и 11 асистенции. Девонте Греам додаде 14 поени во победата на својот тим.

Дончиќ беше подобар од останатите во тимот од Тексас со 37 поени, 11 скока и седум асистенции, Спенсер Динвиди постигна 24, а Кристијан Вуд 23 поени.

Њу Орлеанс ја доби третата победа во четири натпревари, додека Далас остана на една победа по три натпревари.

Вашингтон на домашен терен го надигра Детроит со 120:99.

Кајл Кузма со 25 поени го предводеше Вашингтон до победата, а Кристапс Порзингис постигна 20 поени.

Во тимот на Детроит, хрватскиот играч Бојан Богдановиќ беше подобар од останатите со 25 поени, додека Кејд Канингем постигна 19 поени.

Тимот од главниот град на САД има учинок од три победи и еден пораз, а Детроит по четири натпревари остана на една победа.

Кошаркарите на Оклахома го победија Лос Анџелес Клиперс со 108:94 и ја забележаа првата победа сезонава во НБА лигата.

Прашањето на победникот домашните го решија со серија од 21:0 во третата четвртина, по што поведоа со 74:48.

За Клиперси поради повреда на коленото не настапи Кави Ленард, поради болест Пол Џорџ, а поради лични причини мечот го пропушти Маркус Морис.

Најдобар учинок во тимот на Оклахома имаше Шеј Гилџес-Александер со 33 поени и осум асистенции, Треј Мен додаде 25 поени, додека Арон Вигинс забележа дабл-дабл со 11 поени и 10 скока.

Scroll to Top