Top Sport

Германците го зедоа американскиот скалп и закажаа финале на Мундобаскетот против Србија

Вториот финалист на Мундобаскет е репрезентацијата на Германија. Оваа селекција беше подобра од фаворизираните Американци во полуфиналето, триумфираше со 113:111 и в недела за титулата светски првак ќе се бори против Србија, која претходно денеска ја совлада Канада со 95:86.

Поучени од она што неодамна го прикажаа Литванците против Американците на овој шампионат, германската репрезентација излезе самоуверено и храбро против првиот фаворит.

Од самиот почеток на натпреварот не само што успешно им парираа на избраниците на Стив Кер, туку по само пет минути игра стигнаа до десет поени разлика, 25:15.

До крајот на првиот дел Американците успеаја да намалат, а на полувреме се замина со еден поен предност за САД, 60:59.

Германците подобро го започнаа второто полувреме и исто како на средината на првиот дел кога набрзина стигнаа до „плус 10“, така и кон средината на третиот Шридер погоди за импресивни 76:68. Џош Харт одговори со тројка за 76:71, но Германците не запреа.

Тие по само три четвртини им дадоа 94 поени на Американците, а за „стотка“ се погрижи Шредер по две минути игра во последната четвртина – 100:90.

Со тројката на Ривс, Американците навестуваат поинтересна завршница, а Едвардс погоди за 106:100.

Во тие моменти Американците добија голема поддршка од трибините, а Едвардс со тројка намали на само три поени негатива – 106:103 влегувајќи во последните три минути.

Можеа да го израмнат резултатот на две минути до крајот, но Едвардс овојпат не беше прецизен во шутот за три поени.

САД намали на 108:107, но на минута и 14 секунди до крајот, Обст погоди тројка за 111:107! Бриџис промаши на другата страна, а Шредер стави точка на ова полуфинале, 113:107.

Обст беше најефикасен во победничкиот тим со 24 поени и шест асистенции, Франц Вагнер го следеше со 22 поени и пет скока, Тајс постигна 21 поен и седум скока, а капитенот Шредер имаше 17 поени и девет асистенции.

Кај Американците Едвардс имаше ефект од 23 поени и 8 скока, Ривс 21, Бриџис 17 поени.

Scroll to Top