Гевгелија, односно Кожув и Блокотехна, од 15 до 17 февруари ќе бидат домаќини на завршниот турнир во кошаркарскиот Куп на Македонија.

„Одлучивме Купот да се игра во град каде што има два клуба од Првата лига и воедно има и одлични услови. Кожув и Блокотехна ги презедоа сите обврски да се организира овој голем настан. Сите кои сакаат кошарка се добредојдени да присуствуваат на овој настан, со ова се мисли и на навивачите. Дека Гевгелија може да организира меч со две навивачки групи, се покажа на мечот со Косово на кој Македонија беше домаќин. Не гледам зошто да не се повтори истото сега. Кошарката се игра за навивачите, не се игра ниту за МКФ, за Градоначалниците, за тренерите, или други. Ако не сме спремни да ја рашириме магијата на кошарката до сите луѓе и до навивачите, тогаш за нас тоа е како пораз“, рекол спортскиот директор на македонската кошаркарска федерација Владимир Темелковски, кој на прес конференцијата им го предаде трофејот во трајна вредност на претставниците на МЗТ Скопје.

Екипата од Аеродром меѓу фаворитите за освојување на пехарот, а одбраната на трофејот ќе ја започне против Кожув.

„Ние како МЗТ имаме обврска да победуваме на секој меч. Но, сите екипи кои се најдоа тука се квалитетни. Би сакал да побарам една добра игра од мојот тим, па нека победи подобриот. Што се однесува до распоредот и полуфиналето, Работнички е далеку, за да се стигне треба да го поминеме Кожув кој е домаќин и се засилија. Првата пречка е Кожув. Не жалиме што евентуално „вечно дерби“ е во полуфинале, за да победиш мора да ги победиш сите“, изјавил тренерот на МЗТ, Ѓорѓи Кочов.

Завршниот турнир ќе го отворат Блокотехна и Охрид, а потоа на програмата се дуелите Работнички-Куманово, МЗТ-Кожув и Гостивар-Фени индустри.

На 16 февруари, во првото полуфинале ќе играат победникот од натпреварот Блокотехн-Охрид и победникот од дуелот помеѓу Гостивар и Фени индустри., додека во второто полуфинале е можно „вечното дерби“ секако доколку МЗТ го победи Кожув, а Работнички слави против Куманово.

Финалниот натпревар ќе се одигра на 17 февруари од 17.30 часот.

фото/mkf.mk