Кошаркарите на Голден стејт Вориорс славеа во петтиот меч во финалната серија против Бостон Селтикс. Вориорс, предводени од Ендрју Вигинс, победија со 104:94 и за прв пат го презедоа водството во серијата. Една победа ги дели од шампионскиот прстен.
И покрај лошата игра на главната ѕвезда на тимот, Стеф Кари, Вориорс имаа предност во во поголемиот дел од натпреварот. Во првото полувреме со одлична одбрана го спуштија Бостон на само 39 поени, а нивната предност постојано изнесуваше од девет до десет поени.
Сепак, во третата четвртина – која е заштитен знак на Голден Стејт, Бостон возврати. Селтикси направија серија на стартот и стигнаа до израмнување.
Голден Стејт, клучната предност ја остварија во решавачкиот период кога направија серија од 10-0, таа предност беше недостижна за Селтикс.
На две минути до крајот Вориорс имаа плус од 15 поени.
Тимот на Голден Стејт до победата го предводеше маестралниот Ендрју Вигинс, кој постигна 26 поени со 13 скока. Клеј Томпсон постигна 21 поен, погоди пет тројки.
Стеф Кари одигра лош натпревар, забележа 16 поени и осум асистенции, но шутираше 7/22 од игра. Раритет е што не погоди ниту една тројка од девет обиди.
Во тимот на Бостон најефикасен беше Џејсон Тејтум со 27 поени, десет скока и четири асистенции.
Шестиот натпревар се игра во Бостон, ноќта меѓу четврток и петок.