Top Sport

Историски натпревар во Евролигата: Мекинтаер забележа трипл-дабл со 20 асистенции

Кошаркарот на Басконија Коди Милер Мекинтаер постави рекорд во Евролигата според бројот на асистенции на еден натпревар.

Поранешниот кошаркар на Цедевита Олимпија и Партизан, одигра брилијантен меч против Асвел. Во победата 94:80, не само што постави рекорд во Евролигата, туку забележа и трипл-дабл. Ова е трет трипл-дабл во историјата на Евролигата, претходните два се во сопственост на легендата на Макаби, хрватскиот центар Никола Вујчиќ.

Милер Мекинтаер натпреварот го заврши со по 11 поени и скокови и 20 асистенции, за индекс на корисност 42.

„Ми значи многу бидејќи слушам гласини од луѓе кои ме обвинуваат дека не сум вистински плејмејкер. Се надевам дека сега сите разбраа дека тоа е мојата природна позиција. Сакам да им се заблагодарам на тренерот и соиграчите кои веруваат во мене “, рече Милер Мекинтаер по натпреварот.

Инаку претходниот рекорд според бројот на систенции на еден натпревар го држеа Стефан Јовиќ и Факундо Кампацо. Двајцата имаа по 19 асистенции.

Српскиот плејмејкер запиша 19 асистенции во дресот на Црвена звезда, во сезоната 2015/16 на дуелот против Баерн, а Аргентинецот како член на Реал Мадрид, во сезоната 2019/20 против Алба.

Scroll to Top