Кошаркарите на Сан Антонио Спарс и Денвер Нагетс ќе играат мајсторка за пласман во полу-финалето во Западната конференција. Изминатата ноќ, Спарс ги победија Нагетс 120:103 и го израмнија резултатот во серијата на 3-3. На Денвер не му помогна ниту брилијантната партија на Никола Јокиќ кој собори рекорд на франшизата стар 36 години.
Спарс и Нагетс одиграа уште еден интересен меч во оваа серија. Победникот беше решен во финишот на третата и почетокот на последната четвртина, кога тренерот на Денвер реши да го одмори својот најдобар играч Никола Јокиќ.
Неговото отсуство Спарс го искористија и создадоа предност од 18 поени која Нагетс не можеа потоа да ја достигнат,
Јокиќ натпреварот го заврши со 43 поени, 12 скока, 9 асистенции, 3 украдени топки и една блокада. Тој го собори рекордот на франшизата според бројот на постигнати поени во плејофот.
Претходниот рекорд беше во сопственост на Алекс Инглиш од 1983 година, кога против Финикс Санс постигнал 42 поени. Рекордот на Инглиш го израмни во 2010 година, против Јута Џез, Кармело Ентони.
Србинот е четвртиот играч со ваква статистика во плејоф натпревар, покрај Чарлс Баркли, Оскар Робертсон и Меџик Џонсон.
Кај победниците се истакнаа Ламаркус Олдриџ со 26 поени, 10 скока и 5 асистенции, односно Демар Дерозан со 25 поени, 7 скока и 7 асистенции.