Top Sport

Јокиќ незапирлив против Вестбрук и Џорџ (Видео)

Денвер ја добија пресметката со Оклахома, а Торонто во дербито на Истокот ги декласираа Бостон Селтикс. Победа изминатата ноќ забележаа и кошаркарите на Њујорк Никс.

Дуелот на екипите што се наоѓаат на второто и третото место во Западната конференција, Денвер Нагетс и Оклахома Тандер им припадна на кошаркарите од Колорадо 121:112. Брилијантен меч одигра српскиот центар Никола Јокиќ кој беше на скок до трипл-дабл.

Јокиќ, на кого во финишот домашните навивачи му скандираа „МВП, МВП“, натпреварот го заврши со 36 поени, 9 скока и 10 асистенции. Во финишот тој и Џамал Мари ги постигнаа клучните поени за победата на Денвер.

Мари мечот го заврши со 20 поени и по 5 скока и асистенции, Пол Милсап забележа дабл-дабл од 12 поени и 10 скока, а Вил Бартон постигна 23 поени.

Кај Оклахома, Расел Вестбрук беше на чекор до трипл-дабл (22 поени, 14 скока, 9 асистенции), Џереми Грант постигна 21 поен, а најефикасниот Пол Џорџ мечот го заврши со 25 поени, 8 скока и 7 асистенции.

Денвер сега се на 42 победи и 18 порази, а Оклахома на 38 победи и 22 порази.

Она што требаше да биде дерби на Истокот, донесе целосна доминација на Торонто Репторс во дуелот со Бостон Селтикс. Репторс ги декласираа противниците со 118:95. Репторс ја забележаа деветтата победа на последните десет натпревари, додека Селтикс се во серија од три порази.

Паскал Сиакам постигна 25 поени, Каваи Ленард 21, а Серж Ибака 14 поени за Торонто, додека кај Бостон најефикасни беа Маркус Морис и Џејсон тејтум со 17 односно 11 поени.

Њујорк Никс со голем пресврт успеаја да ги победат Орландо Меџик 108:103. Никс последната четвртина ја добија со 30:13. Меџик водеа во најголемиот дел од натпреварот, а на моменти имаа предност од 16 поени. Клуч за победата беше серијата на Никс 10:0 во последните пет минути.

Емануел Мудиај постигна 19, Алонзо Трир 18 поени, а Мичел Робинсон заврши со 17 поени, 14 скока и 6 блокади. Меџик го предводеаше Никола Вучевиќ и Арон Гордон со по 26 поени, а Црногорецот имаше и 11 скока, 6 асистенции и 3 блокади.

Scroll to Top