„Вечните“ ривали МЗТ Скопје Аеродром и Работнички утре ќе се борат за Купот на Македонија, откако двата најтрофејни клубови го минаа полуфиналето.
Актуелниот шампион во првенството, МЗТ Скопје утехата за катастрофална АБА-сезона ќе ја бара во уште еден Куп трофеј, откако не беше најлесно да се стигне до 89:78 победата над Блокотехна, тим кој првпат играше во полуфинале за националниот Куп.
Гевгелиска Блокотехна, со Марјан Илиевски на клупата, имаа предност од дури 10 поени во првата четвртина, пред Стојановски и Трајковски да се кренат на нивото на задачата и да направат пресврт за МЗТ. До крајот на мечот, „металците“ стабилно ја одржуваа предноста за на крајот да се пласираат во финалето.
Крофорд со дури 32 поени беше најдобриот играч на теренот, Трајковски додаде 16 за МЗТ, а 14 постигна Дамјан Стојановски. Кај Блокотехна, Данило Мијатовиќ имаше 21 поен, а Бенџамин Двејн додаде 20.
МЗТ Скопје Аеродром – Блокотехна 89-78 (19-29, 26-14, 24-19, 20-16)