Македонската сениорска кошаркарска репрезентација го продолжува својот европски пат во вториот круг од претквалификациите за пласман на Евробаскетот кој ќе се игра во 2025 година. Денешниот ждреб во Минхен за противници, освен претходно познатиот, Словачка, ни ги донесе селекциите на Данска и на Норвешка.
Искусниот Бојан Крстевски смета дека доколку Македонија биде комплетна, не би требало да има проблеми со овие селекции.
„Словачка ни е многу добро познат противник бидејќи и во претходните претквалификации игравме со нив и имаме позитивен биланс. За Норвешка и за Данска немам многу информации, но како што ќе доаѓаат натпреварите, ќе се подготвуваме за нив и ќе ги анализираме. Единствено посакувам ние да бидеме во што поголем број, односно комплетни да ги дочекаме дуелите што претстојат. Во таков случај верувам во позитивен исход и пласман во главните квалификации“, изјави Бојан Крстевски.