Бојан Крстевски е еден од поискусните играчи во актуелниот ростер на кошаркарската репрезентација на Македонија. Сега веќе 33-годишниот кошаркар на МЗТ Скопје е свесен за предизвиците кои ги носат последните два натпревари од првиот круг од квалификациите за Светскиот Куп во 2023 година.
„Веќе се навикнавме на ваква ситуација, затоа што никогаш досега не бевме комплетни, меѓутоа што е тука е, ова е шанса за некои од новите генерации да покажат што знаат и умеат. Нема да биде воопшто лесно против Шпанија и Украина. Мора да се прикажеме во добро светло, а и за младите да стекнат некое искуство за иднина, а ние сме сите тука да им помогнеме“, вели Крстевски.
Искусното крило жали што досега немавме барем еден успех во овие квалификации. И дека во голема мерка таквиот резултат е поради скратената ротација која ја имаше стручниот тим на располагање во претходните два ФИБА „прозорци“.
„Имавме некои солидни моменти во овие квалификации, но не дојдовме до победа на крајот. Мислам дека тогаш пресуди скратената ротација, ако го имавме цел тим, можеше да биде поинаку“, потенцира Крстевски.
Она што е позитивно е доаѓањето на некои млади кошаркари кои се веќе дел од подготовките за овој квалификациски циклус.
„Младите се вклопуваат добро, за нив ова ќе биде одлично искуство. Гледам во сите голем потенцијал за иднината, исто и во У20 репрезентацијата, од таму имавме со нас во минатото лето неколку момци. Се наоѓаме на добар пат, добро е помладите да си фатат ритам уште од помлади години за да стекнат искуство, а за талент несомнено дека имаме“ – вели искусниот кошаркар.