Реал Мадрид со 95:68 ја декласираше Уникаха за да го освои Кралскиот куп во шпанската кошарка во недела резервирана за националните куп натпреварувања во Европа.
„Кралевите“ уште по првата третина имаа предност од 26:13, а на полувреме имаа 43:28 за рутинска победа во второто полувреме. Џејси Керол имаше 20 поени, а Факундо Кампацо повторно брилјираше со 13 поени и 13 асистенции.
Во Турција пак, Костас Слукас ги предводеше Фенербахче до тесна 74:71 победа над Дарушафака во финалето на купот за своја седма титула во натпреварувањето. Јан Весели им донесе 68:66 водство на Фенер на минута пред крајот, но ведна потоа го направи својот петти прекршок и тоа со неспортски фаул над Картал Озмизрак. Потоа, Костас Слукас три пати беше на линијата за слободни фрлања во драматичното финале за да го заврши мечот со 15 поени, колку што имаше и Нандо де Коло и Луиџи Датоме.
АЕК пак, петти пат стана куп шампион на Грција по 61:57 победата над Промитеас во интересен финиш на мечот. Кендрик Реј постигна девет од своите 16 поени во последната четвртина и седум од нив во последната минута за победа на АЕК.
Најголемото изненадување во овие натпреварувања го направи тимот на Умана Рејер Венеција, најнискорангираната репрезентација меѓу осумте на финалниот турнир на Копа Италија, победувајќи го Бриндизи со 73:67.