Top Sport

Леброн: Дирк е најдобриот неамерикански кошаркар во историјата

По поразот од Далас на Божиќ, кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс му оддаде почит на Дирк Новицки.

Пред натпреварот, Маверикс одржаа церемонија на која беше откриен споменикот на Новицки пред Американ Ерлајнс арена.

„Тоа мораше да биде тој фед-авеј со едната нога“, го коментираше Џејмс споменикот.

„Дирк е легенда, икона. Мислам дека најдобар неамерикански кошаркар во историјата е тој и Ману (Џинобили). Она што го донесе во овој град, ух… Тој човек беше кул и го револуционизираше концептот на стреч четворка“.

Џејмс продолжи со комплименти за Новицки од кого го загуби финалето во 2011 година додека играше за Мајами.

„Не можевме да му ставиме помал играч затоа што беше преголем, но не можевме да му ставиме ниту побавен голем играч, затоа што имаше многу брз прв чекор во зенитот на кариерата. И никогаш не можеше да му го блокираш ударот, тој имаше техника на шут што потсетуваше на Лери Бирд“, изјави Леброн и додаде:

„Кога зборуваме за најдобрите четворки во историјата, тој е таму заедно со Баркли, Данкан, Гарнет, Мекхејл“.

Scroll to Top