Шестмина кошаркари постигнаа 30+ поени изминатата ноќ во НБА лигата. Ѕвезди на вечерта се младиот играч на Хјустон Крис Вуд и ветеранот Леброн Џејмс.
Хјустон го победија Вашингтон 115:97. До 18.победа во 72.натпревар сезонава, Хјустон го предводеше Крис Вуд со 39 поени. Крилниот центар на „ракетите“ погоди осум тројки од девет обиди.
Леброн Џејмс блескаше против својот поранешен тим, Кливленд Кавалирс. ЛА Лејкерс славеа со 131:120. Џејмс забележа трипл-дабл со 38 поени, 11 скока и 12 асистенции.
Бостон Селтикс ја продолжија победничката низа на турнејата по Западот. По Голден стејт и Денвер, пред Селтикс падна и Оклахома. Бостон победија со 132:123. Џејсон Тејтум постигна 36 поени за победниците, кај Оклахома се истакна Тре Ман со рекордни во кариерата 35 поени.
Кевин Дурент ја доби шутерската пресметка со Донован Мичел, а Бруклин ја победи Јута со 114.106. Дурент натпреварот го заврши со 37 поени, седум поени помалку постигна Мичел за Јута.
Резултати: Шарлот-Њу Орлеанс 106:103, Детроит-Портланд 115:119, Филаделфија-Мајами 113.106, Чикаго-Торонто 113.99, Далас-Минесота 110:108.