Кошаркарот на Портланд Треилблејзерс, Демијан Лилард помина низ голема трагедија во последниот период затоа што остана без шест членови на семејството.
Во отворен разговор за „Atletik“ Лилард зборуваше за емотивниот губиток во изминатите 18 месеци.
Починала тетка му од рак, братму Брендон починал минатиот мај, а Демијан бил тој кој го пронашол. Останал без уште еден близок роднина во јануари. Двајца негови роднини се убиени, а уште еден починал минатата недела.
„Беше ова тешка година ипол за моето семејство. Луѓето не знаат за тоа. Стоев покрај мртвите тела на роднините. Луѓето не знаат каква траума е тоа. Се уште не можам да излезам на крај, се борам, но навистина е тешко. Кога го имате во предвид сето она низ што семејството поминува, се обидувате да си ставите во главата дека кошарката е најважната работа во тие моменти“ истакна Лилард.
Кошаркарот рече и дека се чувствува како да има 45 години со оглед на фактот што се видел во животот, а себе си не се смета за емотивна личност.
Светлото на крајот на тунелот се неговите деца. Во јануари добил близнаци, син и ќерка. Тие му се придружиле на две ипол годишниот Демијан Јуниор.
„Две нови личности дојдоа, а неколку си отидоа…“ рече кошаркарот.