Top Sport

Магдевски: Полска е вистински тест за она што не чека во Талин

Македонската кошаркарска репрезентација, во Белград во наредните два дена, ќе одигра контролни натпревари со Полска, како дел од подготвките за настап на олимписките претквалификации во Талин, Естонија.

Полска, четвртата репрезентација на последното ЕП, исто така се подготвуваат за на олимписките претквалификации, кои ќе ги играат на домашен терен во Гливице. Полјаците вчера, во натпревар затворен за јавноста, загубија од Србија со 66:81.

„Нè очекуваат два пријателски натпревари против Полска која ја победи Словенија лани на ЕП, што значи дека ова ќе биде вистински испит пред она што ни следи. Одиме во изменет состав, спој на искусни и млади играчи и ќе видиме до кај сме со нашата моментална форма. Најбитно е да се покажеме во добро светло, без разлика на резултатот, и да се вратиме дома сите здрави“ – посакува еден од поискусните играчи во националниот тим, Андреј Магдевски.

Согласно договореното, натпреварите помеѓу репрезентациите на Македонија и на Полска ќе се играат во спортскиот центар „Ранко Жеравица“во Белград. Првиот меч е закажан за 5.август (сабота), со почеток од 18.часот). А по кратко време за одмор, во недела на пладне, од 12.часот, на истото место ќе се игра и вториот натпревар, по што нашата експедиција се враќа во Скопје каде ќе ги одработи последните денови од подготовките пред заминувањето за Естонија, планирано за 10.август.

Сениорите заминаа за Белград со еден играч помалку во ростерот. Поради болки во грбот, во Скопје, остана Љубомир Младеновски.

Извор/ kfsm.mk

Scroll to Top