Top Sport

Мајами и Минесота последни патници во плеј-офот на НБА лигата

Мајами Хит и Минесота Тимберволвс се последните две екипи кои обезбедија место во плеј-офот во НБА лигата. Тие го искористија домашниот терен во последните два плејин натпревари и славеа против Чикаго, односно против Оклахома.

Мајами го победи Чикаго со 102:91. „Жешките“ добро го почнаа дуелот и поведоа со 14 разлика во првата четвртина (29:15), но гостите не се предадоа и во последната четвртина стигнаа до водство од шест поени (82:76).

Сепак, Мајами со серија од 13:1 стигна до двоцифрена победа на крајот.

Џими Батлер и Макс Струс уфрлија по 31 поен и беа најефикасни кај победничкиот тим, а Демар Дерозен постигна 26 поени и имаше девет асистенции за Чикаго Булс.

Минесота Тимберволвс славеше убедливо со 120:95 против Оклахома, по што се формирани и сите двојки од првата фаза од плеј-офот во НБА лигата.

На Западот ќе играат: Денвер – Минесота, Феникс – ЛА Клиперс, Сакраменто – Голден Стејт, Мемфис – ЛА Лејкерс.

Во Источната конференција се среќаваат: Милвоки – Мајами, Кливленд – Њујорк, Филаделфија – Бруклин, Бостон – Атланта.

Scroll to Top