Top Sport

Македонски репрезентативец МВП на Лигата на шампионите

Кошаркарот на Бона, Ти-Џеј Шортс е прогласен за најкорисен играч на овосезонското издание на Лигата на шампионите на ФИБА.

Доделувањето на наградата се одржа во Малага, каде се игра завршниот турнир на ова континентално натпреварување.

Само ден претходно, Шортс со 21 поен и седум асистенции го предводеше Бон до победата, во полуфиналето, над фаворизираната Уникаха и така закажа дуел со Хапоел. Израелскиот тим, во второто полуфинале, го победи бранителот на трофејот, Тенерифе.

„Ова е едно сјано патување. Тобоган од емоции. Чима Монке ми даде самодоверба, му благодарам, им благодарам и на сите кои ме поддржаа. Им оддавам почит и на моите соиграчи и тренери, сите имаме јасно дефинирани улоги”, изјави Шортс.

Македонскиот репрезентативец сезонава имаше просек од 18,9 поени, 3,8 скока и 7,1 асистенции, а покрај ова го доби и признанието за најкорисен играч во Бундеслигата.

Наградата за најдобра дефанзивец ја доби Алберто Диас од Уникаха, додека покрај Шортс, идеалната петорка ја сочинуваат 39. годишниот Марселињо Хуертас (Тенерифе), Дарио Брисуела (Уникаха), Аки Мичел (АЕК) и Зек Ханкинс (Хапоел).

Scroll to Top