Мишко Ражнатовиќ, менаџерот на една од најголемите НБА ѕвезди, Никола Јокиќ во интервју за хрватскиот „Индекс“ ја открива приказната на српскиот центар на Денвер нагетс и како го „пронашол“ неговиот талент.
Тој го забележал Јокиќ додека играл за Војводина од Нови Сад и бил импресиониран од неговата статистика, но целосно разочаран кога првпат го видел. Иако на 18 години, Јокиќ не бил дебел како што се гледа на дел од фотографиите од неговите тинејџерски години, сепак, било забележливо дека има вишок килограми, но тоа не го спречило Ражнатовиќ да го донесе во тимот на Мега.
„Секако, тогаш не помислував дека ќе има ваква кариера. Да бидам искрен, бев задоволен кога на НБА драфтот беше 41. пик, и сметав дека тоа е огромно постигнување. Сега, се гледа дека тоа не е многу важно. Имаше среќа да дојде во вистинска средина и да покаже што умее и како што гледате секоја сезона е подобар. Кога го видов првпат, не беше како на оние фотографии, но имаше вишок килограми и беше физички послаб од другите. Кондицискиот тренер работеше посебно со него бидејќи сметаше дека е неизбежна повреда ако тренира со другите. Јокиќ покажа дека физичкиот изглед не е најважен и им даде сон на сите деца од овој регион дека можат да го остварат својот сон“, вели Ражнатовиќ.
Под влијание на Ражнатовиќ, но и на својот постар брат Страхиња, Јокиќ ги менуваше навиките, посебно во исхраната, и Ражнатовиќ открива дека претходно тој јадел по еден бурек и пиел два литри кока-кола дневно.