Поранешниот српски кошаркар, Дарко Миличиќ предизвика бура реакции во Србија и Хрватска, откако при интервју со „Спорт клуб“ го коментираше вечното прашање на српско-хрватските односи во спортот. Тој ја коментираше изјавата на поранешниот хрватски голман на Динамо Загреб и Црвена звезда, Томислав Ивковиќ, кој изјави дека во поранешна Југославија имало големо заедништво меѓу народите.
Тој додаде дека во Белград никогаш немал проблем со навивачите поради тоа што е Хрват, додавајќи дека му скандирале „Брат Хрват“. Миличиќ не се согласува.
„Знаете, ќе ви кажам искрено, не можам да одам толку далеку. Знаеме што се случуваше. Можам да соработувам, да седам со нив, да бидам културен и фин, но не и да се нарекуваме браќа. Тоа е лага. Не е реално. Политиката треба да биде на страрна и спортот да биде во прв план. На спортско поле се случуваат и грди работи, но и многу позитивни и убави ситуации. Кога ќе дојде Хрватска да игра во Србија и треба да се чувствуваат непријатно“, вели Миличиќ, кој во кариерата играше за Мемфис, Орландо, Минесота и Бостон, а со Детроит пистонс стана НБА шампион во 2004 година.