Top Sport

Милвоки е единствен непоразен тим во НБА лигата

Кошаркарите на Милвоки останаа единствената непоразена екипа во НБА лигата, откако синоќа на домашен терен го победија Детроит со 110:108. На крајот од третиот период Милвоки водеше со 85:69, но гостите успеаја да се вратат и во самата завршница стигнаа до 105:105. Клучната тројка за победа на домашниот тим на 45 секунди пред крајот ја постигна Џру Холидеј.

Јанис Адетокумбо за Милвоки постигна 31 поен со седум скока, Холидеј забележа дабл-дабл со 25 поени и 10 асистенции, Брук Лопез постигна поен помалку со девет скока, а дабл-дабл имаше и Боби Портис со 15 поени и 12 скока.

Кај гостинскиот тим најефикасен беше Кејд Канингем со 27 поени, седум асистенции и шест скока, хрватскиот интернационалец Бојан Богдановиќ постигна 23 поени, додека Џејден Ајви додаде 19 поени.

Милвоки има максимален ефект по шест натпревари, а Детроит има две победи и шест порази. Двата тима ќе се сретнат во Милвоки во следниот натпревар кој е закажан за ноќта меѓу среда и четврток.

Торонто на домашен терен убедливо ја совлада Атланта со 139:109. Паскал Сијакам имаше дабл-дабл од 31 поен и 12 скока кај домашниот тим, а Скоти Барнс и Гери Трент Јуниор додадоа по 21 поен.

Дежонте Мареј беше подобар од останатите во тимот на Атланта со 20 поени, а Тре Јанг забележа дабл-дабл со 14 поени и 10 асистенции.

Двата тима сега имаат ефект од четири победи и три порази.

Филаделфија на гости го победи Вашингтон со 118:111. До победата гостите ги предводеше Тајрис Макси со 28 поени, додека Џејмс Харден имаше дабл-дабл со 23 поени и 17 асистенции, а имаше и седум скока.

Кристапс Порзингис беше најефикасен кај Вашингтон со 32 поени, со девет скока, а Бредли Бил додаде 20 поени. Филаделфија има половичен ефект по осум натпревари, додека Вашингтон има три победи од седум натпревари.

НБА, резултати: Шарлот – Сакраменто 108:115, Вашингтон – Филаделфија 111:118, Бруклин – Индијана 116:109, Торонто – Атланта 139:109, Милвоки – Детроит 110:108, Јута – Мемфис 121:105, ЛА Клиперс – Хјустон 95:93.

Scroll to Top