Top Sport

МЗТ: Кошаркаката е приватна забава за привилигирани семејства

Раководството на кошаркарскиот шампион на Македонија, МЗТ Скопје Аеродорм, со соопштение до јавноста, реагира на одлуката на Блокотехна, на клубот да не му ги додели предвидените 25 билети, за денешниот натпревар. „Искрено, не паметиме ваков срамен однос кон нашиот клуб, дури и од времињата во кои сме имале пожешки ривалски односи со екипи со далеку поголема традиција од Блокотехна“, се вели во дел од соопштението кое во го пренесуваме во целост.

„Тешко дека постојат зборови со кои адекватно би ја опишале нашата разочараност од вчерашната одлука на раководството на Блокотехна, екипа на која денеска ќе ѝ гостуваме во меч од 3. коло од Суперлигата, да ѝ забрани на управата на МЗТ Скопје да присуствува на овој натпревар.

На нашето барање за 25 билети за раководството на клубот, нешто што е предвидено со член 31.1 од Пропозициите за натпреварување, но што е и децениска традиција во македонската кошарка, добивме негативен одговор со штуро објаснување. Челниците на Блокотехна не сакаат да нѐ нагостат од – безбедносни причини. И за тоа, според актите, може да бидат казнети со „дури“ 2.000 денари.

Искрено, не паметиме ваков срамен однос кон нашиот клуб, дури и од времињата во кои сме имале пожешки ривалски односи со екипи со далеку поголема традиција од Блокотехна. Свесни сме дека овој тим е дебитант во елитата и дека сѐ уште има многу да учи како треба да се однесува кога е во друштво со големите клубови, но ниту во сон не очекувавме ваков низок удар од тим кој до вчера играше во Втората лига. Па, зарем во Македонија кошарката е приватна забава само за привилигирани семејства?

Симптоматично е што како причина за ваквата навреда кон нас е наведена безбедноста и тоа во период во кој раководството на Блокотехна се обидува на сите страни да објасни дека нивниот „хангар“ во Негорски бањи ги исполнува условите за играње суперлигашка кошарка. Ако е сѐ така идеално во „фабричкиот комплекс“ во близина на Гевгелија, тогаш не ни е јасно како луѓето од овој клуб не се способни да обезбедат дваесетина членови на управа на противнички тим. Или, пак, тоа е само параван за нешто друго, што само можеме да претпоставиме дека е суета, ситничарство или некаков реваншизам.

Виновник за овој срамен однос е и раководството на МКФ, кое предвидело смешна казна за прекршок од ваков тип, најверојатно не сметајќи дека некој воопшто и би можел да биде казнет по овој член. Затоа, федерацијата мора да ја промени казната за ваков прекршок во најригорозна, а истовремено да ги едуцира клубовите, барем тие на кои такво нешто им е потребно, дека спортското ривалство е едно, а џентлменскиот однос помеѓу клубовите, дури и во најжешките пресметки на теренот, е сосема нешто друго.

А, сѐ додека не се случи тоа, ќе бидеме сведоци на вакви срамни ситуации и на елитна кошарка во „хангари“ во кои не можат да се најдат ниту стотина гледачи“.

Натпреварот Блокотехна-МЗТ се игра денес со почеток во 18:30 часот.

Scroll to Top